МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ГРЕАТ НА СТАР НАЧИН, А СМЕТКИТЕ РАСТАТ Новите бројки откриваат голем проблем

Новите податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека греењето апсорбира 62% од вкупната енергетска потрошувачка во домовите.

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ГРЕАТ НА СТАР НАЧИН, А СМЕТКИТЕ РАСТАТ Новите бројки откриваат голем проблем
Фото: Принтскрин

Најновата анализа на Државниот завод за статистика покажува дека затоплувањето на домовите останува најголем енергетски товар за граѓаните. Дури 62 отсто од вкупната потрошена енергија во домаќинствата во 2024 година била наменета за греење.

Податоците откриваат дека огревното дрво и натаму е најкористен извор за затоплување, што покажува дека голем дел од домаќинствата сè уште се потпираат на традиционални енергенси. Од друга страна, електричната енергија останува главен ресурс за секојдневните потреби и користење апарати, осветлување, подготовка на храна и загревање вода.

По греењето, најголема потрошувачка имаат електричните уреди и осветлувањето, а потоа следуваат загревањето на водата и готвењето.

Истовремено, се забележува постепен раст на интересот за обновливи извори на енергија. Во текот на 2024 година, над 91 илјада домаќинства користеле соларни колектори, со вкупна инсталирана површина поголема од 227 илјади квадратни метри.

Сепак, високите сметки и понатаму претставуваат сериозен предизвик за дел од граѓаните. Околу 10,6 отсто од домаќинствата признаваат дека редовно имаат проблеми со плаќањето на енергетските сметки, додека 40 отсто велат дека немаат вакви потешкотии.

Податоците покажуваат дека енергетската потрошувачка во македонските домови сè уште е под влијание на старите модели на греење и високите трошоци. Поради тоа, повторно се отвора прашањето за воведување пофлексибилни тарифи за струја, како проширување на евтината дневна тарифа и можност за пониска тарифа за време на викендите, со цел намалување на финансискиот притисок врз домаќинствата.

CATEGORIES
Share This