МАКЕДОНИЈА ЕНЕРГЕТСКИ СЕ ПОВРЗУВА СО ЕУ Почна со изградба на гасен интерконектор со Грција

Интерконекторот претставува најголемата енергетска инвестиција во последната деценија и е финансиран од Владата на Република Македонија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

МАКЕДОНИЈА ЕНЕРГЕТСКИ СЕ ПОВРЗУВА СО ЕУ Почна со изградба на гасен интерконектор со Грција

Со потпишување на договор помеѓу НОМАГАС АД Скопје и градежната компанија Рапид Билд ДОО од Куманово, официјално започна изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Грција, на потегот од Гевгелија до Неготино во должина од 68 километри. Проектот, вреден 59,9 милиони евра, е планирано да биде завршен во рок од 22 месеци и да биде ставен во функција во 2027 година.

Интерконекторот претставува најголемата енергетска инвестиција во последната деценија и е финансиран од Владата на Република Македонија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

„Со овој проект обезбедуваме енергетска безбедност, диверзификација на снабдувањето и намалување на зависноста од еден снабдувач. Ова е и чекор кон поздрава животна средина со користење на природен гас како еколошки прифатлив извор,“ изјави министерката за енергетика Сања Божиновска на свеченото потпишување на договорот.

Проектот, како што додаде, е резултат на блиската соработка со Европската комисија, ЕИБ и ЕБОР, при што се обезбедени грантови и поволни кредити за неговата реализација.

Претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел, нагласи дека банката го финансира и грчкиот и македонскиот дел од интерконекторот, со вкупен износ од 28,9 милиони евра за македонската страна, плус 2,5 милиони евра за техничка подготовка и 9,9 милиони евра грант од Европската унија.

Од ЕБОР, Фатих Туркменоглу го оцени проектот како клучен за енергетската инфраструктура на земјата и нагласи дека банката останува посветена на поддршка на слични проекти и во иднина.

Извршниот директор на НОМАГАС, Мухамед Елмази, истакна дека проектот е од огромно значење за енергетската иднина на државата и регионот, и додаде дека процесот на подготовка бил завршен во исклучително краток рок.

Од страна на изведувачот, Тони Каранфиловски од Рапид Билд, беше истакнато дека договорот е добиен благодарение на најповолната понудена цена и најави дека компанијата веднаш започнува со теренски активности. Тој посочи дека досегашното искуство со изградба на четири магистрални гасоводи, вклучително и еден во Бугарија, е гаранција за квалитетна и навремена реализација. Единствен потенцијален ризик, како што рече, може да биде евентуално доцнење во процесот на експропријација.

Со овој интерконектор, Македонија прави значаен исчекор кон поголема енергетска независност и приклучување кон европскиот енергетски пазар.

CATEGORIES
Share This