(ВИДЕО) ГАНА ЈА ЗАПРЕ АНГЛИЈА, НО КЕИРОШ БЕСНЕЕ Имавме право на пенал, сите го видоа тоа
Гана успеа да освои бод против фаворизираната Англија, но селекторот Карлос Кеирош смета дека неговиот тим бил оштетен во клучен момент.

Иако Англија целосно го контролираше поседот на топката со неверојатни 79 проценти, Гана успеа да го издржи силниот притисок и да освои важен бод во рамките на Групата Л.
Сепак, селекторот на Гана, Карлос Кеирош, смета дека неговата репрезентација можела да стигне и до целиот плен, а најмногу го налути одлуката на судиите во една спорна ситуација.
Португалскиот стратег изрази сериозно незадоволство од работата на ВАР системот, тврдејќи дека неговиот тим бил оштетен.
„Не сум сигурен дека ВАР воопшто функционира на ова Светско првенство. Се прашувам дали е активен, бидејќи на Гана не ѝ беше доделен чист пенал против Англија“, изјави Кеирош.
Најспорен за него бил моментот во завршницата, кога смета дека Принс Аду бил соборен во шеснаесетникот.
„Имавме свои прилики и мислам дека Англија имаше многу среќа. Повторно ВАР отиде на кафе. И јас би сакал понекогаш да одам на кафе, но ова беше јасен пенал и црвен картон“, рече Кеирош со доза сарказам.
Искусниот тренер веднаш се обиде да ги ублажи зборовите, свесен дека ваквите изјави можат да донесат дисциплинска казна.
„Се извинувам за сарказмот. Ако ова го кажев сериозно, веројатно ќе бев казнет, па се надевам дека ќе разберете дека се шегувам“, додаде тој.
Кеирош се осврна и на конфликтот со англискиот играч од средниот ред Џуд Белингам, кој се случи за време на натпреварот.
„Само му кажав да се смири по стартот кој можеше да резултира со втор жолт картон. Тој ми одговори со лоши зборови и тогаш започна расправијата“, објасни селекторот на Гана, кој го предводи тимот на своето петто Светско првенство.
По две одиграни кола, и Англија и Гана остануваат во добра позиција за пласман во нокаут-фазата. Во последното коло Англија ќе се соочи со Панама, додека Гана ќе ги одмери силите со Хрватска.
Ezri Konsa just wipes Adu out 🤯
How was that not given as a penalty?! 😳 pic.twitter.com/HK4Y9SBAqc
— Pro_Football News (@Pro_Football1) June 23, 2026


