БЕЛГРАД СЛУШАШЕ ЗА МАКЕДОНСКАТА ГОРДОСТ Голема улога на „Охридско лето“ во културната дипломатија
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, во Белград истакна дека фестивалот е еден од најсилните инструменти за промоција на македонската култура во светот.

Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, беше меѓу говорниците на панел-дискусијата „Cultural Notes of a Shared Future“ („Културни белешки за заедничката иднина“), посветена на улогата на културата и уметноста во развојот на меѓународната соработка. Настанот се одржа во Палата Србија во Белград, со присуство на премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, како и бројни претставници од дипломатскиот, културниот и академскиот свет.
Во фокусот на дискусијата беа културниот дијалог, музиката, уметноста и нивната моќ да ги поврзуваат народите и да создаваат основа за подобро меѓусебно разбирање. Учесниците се осврнаа на значењето на културната дипломатија како важен инструмент за јакнење на меѓународните односи и промовирање на културните вредности.
Цуцковски пред присутните го претстави фестивалот „Охридско лето“, истакнувајќи дека најголемиот македонски музичко-сценски фестивал повеќе од шест децении е еден од најсилните носители на македонската култура во светот.
„Охридско лето“ е основано во 1961 година и низ годините прерасна во значајна платформа за културна размена, поврзувајќи уметници, институции и публика од различни земји преку музиката, театарот и сценските уметности. Фестивалот претставува пример за културна дипломатија и форма на „мека моќ“ преку која Северна Македонија ја претставува својата култура пред меѓународната јавност“, посочи Цуцковски.
Тој нагласи дека фестивалот има посебна улога во афирмацијата на националниот идентитет, но и во создавањето мостови меѓу различните култури.
„Бројни светски познати уметници, диригенти, солисти и театри настапиле на сцените на Охридско лето, придонесувајќи за градење позитивен културен имиџ на државата и нејзино позиционирање на европската и светската културна мапа“, додаде директорот на фестивалот.
Според него, значајна е и улогата на „Охридско лето“ во поттикнувањето на интеркултурниот дијалог, особено преку членството во Европската асоцијација на фестивали и учеството во иницијативи за културна соработка.
„Фестивалот одамна ја надмина рамката на обичен културен настан. Тој е и туристички и промотивен бренд кој го афирмира Охрид и Северна Македонија како атрактивна културна дестинација“, истакна Цуцковски.
На панелот учествуваа и претставници на значајни културни и академски институции од повеќе земји, меѓу кои Жанг Аимин од Кинескиот културен центар во Белград, професорот Синиша Бокан од Академијата на уметностите при Универзитетот во Нови Сад, Иван Ќуркчиев од „Верди Опера“ од Бугарија, диригентот Јанг Јанг од Националната опера на Кина и Драгослав Станисављевиќ од музичката продукција на Радио-телевизија Србија.
Учесниците испратија порака дека културата останува еден од најважните фактори за градење доверба, соработка и трајни врски меѓу народите, а културната дипломатија е клучен механизам за создавање заедничка иднина.


