МЕСИ ГО СРУШИ СВЕТОТ Аргентина веќе е во нокаут-фаза, а Лео испиша историја
Аргентина со 2-0 ја совлада Австрија, а Лионел Меси со два гола стигна до историски рекорд на Светските првенства.

Аргентина ја забележа и втората победа на Светското првенство, совладувајќи ја Австрија со 2-0, а во центарот на вниманието повторно беше капитенот Лионел Меси.
Актуелниот светски шампион по две одиграни кола има максимални шест бодови и веќе го обезбеди пласманот во шеснаесетфиналето. Првото место во групата „Ј“ може да биде потврдено уште вечерва, зависно од исходот на натпреварот меѓу Алжир и Јордан, но со оглед на тоа што во последното коло Аргентина игра против дебитантот Јордан, речиси сигурно е дека ќе ја заврши групната фаза како лидер.
Меси го отвори резултатот во 38. минута, постигнувајќи го својот 17-ти погодок на мундијалските турнири и со тоа се искачи сам на врвот на листата на најдобри стрелци во историјата на Светските првенства.
Во самиот финиш, во 95. минута, аргентинската суперѕвезда уште еднаш ја затресе мрежата за конечни 2-0. Со тој погодок стигна до вкупно 18 гола на мундијалите и дополнително го подобри сопствениот рекорд.
Покрај голгетерските достигнувања, Меси израмни уште едно историско остварување. Тој стана само трет фудбалер кој постигнал гол на шест последователни натпревари на Светските првенства, достигнување кое претходно го имаа Пеле и Жист Фонтен.
Сепак, вечерта донесе и еден неславен рекорд за Аргентинецот. Во деветтата минута не успеа да реализира пенал, што беше негов трет промашен удар од белата точка на мундијалите. Со тоа го надмина поранешниот рекордер Асамоа Гијан, кој кариерата ја заврши со два промашени пенали на светските шампионати.
По две кола на турнирот, Меси има пет постигнати голови, односно сите пет погодоци на Аргентина на шампионатот се негово дело, потврдувајќи дека и на ова Светско првенство е главната движечка сила на „гаучосите“.


