ОПТИЧКИОТ ИНТЕРНЕТ ЕКСПЛОДИРА ВО МАКЕДОНИЈА Илјадници нови корисници за само една година

Бројот на корисници на оптички интернет надмина 228 илјади, а годишниот раст достигна над 14 проценти.

ОПТИЧКИОТ ИНТЕРНЕТ ЕКСПЛОДИРА ВО МАКЕДОНИЈА Илјадници нови корисници за само една година
Фото: Принтскрин

Бројот на корисници кои користат интернет преку оптичка мрежа во Македонија продолжува да се зголемува. Според последните податоци на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во четвртиот квартал од 2025 година биле регистрирани 228.581 претплатници на оптички интернет.

Во споредба со претходниот квартал, бројот на корисници е зголемен за 2,57 проценти, додека на годишно ниво растот изнесува 14,24 проценти, што покажува забрзано прифаќање на оптичките услуги.

Мобилниот интернет и понатаму останува најраспространет начин за пристап до мрежата. Преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) интернет користеле 1.654.137 претплатници. Иако во однос на третиот квартал има пад од 7,16 проценти, споредбено со истиот период во 2024 година е забележан раст од 2,92 проценти.

Вкупниот број претплатници на широкопојасен интернет во последниот квартал од 2025 година достигнал 555.415, што претставува зголемување од 0,92 проценти во однос на претходниот квартал и 1,61 процент на годишно ниво.

АЕК евидентирала и 1.992.046 активни корисници на мобилна телефонија. Бројката е намалена за 5,39 проценти во споредба со третиот квартал, но е благо зголемена за 0,82 проценти во однос на четвртиот квартал од 2024 година.

На пазарот на мобилна телефонија, најголем број корисници има А1 Македонија со удел од 47,01 проценти, а веднаш зад неа е Македонски Телеком со 46,37 проценти. Останатите оператори имаат помали удели: МТЕЛ 5,13 проценти, Телекабел 1,39 проценти и Греен Мобиле 0,10 проценти.

Според остварените приходи, лидерската позиција ја задржува Македонски Телеком со 51,83 проценти од пазарот, додека А1 Македонија учествува со 46,48 проценти.

Податоците покажуваат дека корисниците на мобилна телефонија во последниот квартал од 2025 година во просек разговарале 231,44 минути месечно и реализирале околу 105,76 повици. Најголем дел од сообраќајот бил остварен во рамки на сопствените мрежи на операторите.

Кај фиксната телефонија биле регистрирани 463.276 претплатници, со просек од 4,59 иницирани повици месечно.

Телевизиските услуги ги користеле 443.780 претплатници, што е раст од 0,36 проценти на квартално и 1,35 проценти на годишно ниво.

Најголем пад е забележан кај кабелската телевизија, каде бројот на корисници е намален за 1,38 проценти во однос на претходниот квартал и за 5,02 проценти споредено со една година претходно. Пад има и кај DVB-T услугите, додека IPTV продолжува да расте со зголемување од 2,59 проценти квартално и 9,2 проценти годишно.

Трендот покажува дека корисниците сè повеќе се насочуваат кон побрзи интернет решенија и дигитални телевизиски услуги, додека традиционалните технологии постепено губат дел од пазарот.

CATEGORIES
Share This