НЕ УСПЕАВТЕ ДА СЕ ЗАПИШЕТЕ Еве кога е новата можност за упис во средно
По првиот уписен рок останаа слободни речиси 12 илјади места во средните училишта низ државата.

Полуматурантите кои не успеаја да се запишат во средно училиште во првиот уписен рок добиваат нова можност. Второто електронско пријавување за упис во учебната 2026/2027 година ќе се реализира во вторник, 23 јуни.
По поднесувањето на онлајн пријавите, учениците ќе треба да ги достават оригиналните документи и свидетелствата до училиштата во среда, 24 јуни, каде што ќе ги разгледуваат училишните комисии.
Според податоците на Министерството за образование и наука, во вториот јунски уписен рок остануваат слободни вкупно 11.882 ученички места низ државата.
Од нив, најголем број се за настава на македонски јазик со 7.404 места. За учениците кои ќе следат настава на албански јазик се слободни уште 4.002 места, додека 456 места се предвидени за турски наставен јазик, а 20 за српски.
Во училиштата каде што ќе има кандидати со ист број бодови, ќе се спроведе дополнително квалификациско тестирање. Тестирањата се предвидени за 29 јуни.
Во првиот уписен рок, преку електронскиот систем се пријавиле 15.075 ученици, од кои 13.397 успешно го завршиле процесот на запишување.
Според наставниот јазик, во првиот рок се запишале 9.813 ученици на македонски јазик, 3.357 на албански, 213 на турски и 14 ученици на српски наставен јазик.
Најголем интерес имало за стручните образовни насоки, каде што се запишале 8.910 ученици, додека во гимназиското образование се запишани 4.278 ученици. Во уметничкото образование и музичка уметност, место обезбедиле 209 ученици, а селекцијата за ликовната уметност сè уште трае.
Дел од гимназиите и стручните училишта веќе ги пополнија капацитетите. Меѓу нив се и неколку познати училишта во Скопје и државата, како и одредени дефицитарни стручни насоки во повеќе средни училишта.
Квалификациско тестирање ќе има и во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, каде што кандидатите за образовниот профил фармацевтски техничар на албански наставен јазик ќе полагаат тест по биологија и хемија.
Конечните ранг-листи од вториот уписен рок ќе бидат објавени на 25 јуни до 12 часот.


