ЗЛАТНА РАМКА ВЕЧЕРВА ГИ НАГРАДУВА ЛЕГЕНДИТЕ Кои се имињата што ја одбележаа македонската кинематографија
ДФРМ по осми пат ги доделува престижните признанија, а годинава меѓу добитниците се четири истакнати имиња од македонската филмска сцена.

Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) вечерва по осми пат ќе ги додели престижните почесни награди „Златна рамка“, со кои се оддава признание на филмски професионалци за нивниот долгогодишен придонес кон македонската кинематографија.
Добитници на наградите за 2026 година се актерот Владо Јовановски, костимографката Роза Трајческа и филмскиот работник Димитар Јакимовски. За првпат годинава ќе биде доделено и специјалното признание „Златна рамка за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија“, кое му припадна на Апостол Трпески.
Одлуката за наградените ја донесе Управниот одбор на ДФРМ, кој истакна дека признанијата се доделуваат за нивната посветеност, професионален интегритет и значаен придонес во развојот на филмската уметност.
Владо Јовановски ја добива „Златна рамка за актер“ за повеќедецениската посветеност кон актерската професија и впечатливиот придонес во македонскиот филм, театар и телевизија. Неговите улоги во филмовите „Збогум на дваесеттиот век“, „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-Кан-Кан“, „Трето полувреме“, „До балчак“ и „Ослободувањето на Скопје“, како и во телевизиски проекти, го вбројуваат меѓу најпрепознатливите актери во домашната кинематографија.
„Златна рамка за автор“ ѝ се доделува на Роза Трајческа, една од најзначајните костимографки во македонската филмска сцена. Со својот препознатлив визуелен израз и креативен пристап, таа дала особен придонес во бројни филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Сестри“, „Домаќинство за почетници“ и „DJ Ahmet“.
Признанието „Златна рамка за филмски работник“ му припадна на Димитар Јакимовски, кој со долгогодишната работа во секторот сценографија остави значаен белег во голем број домашни и меѓународни филмски проекти. Неговата професионалност и посветеност го направија еден од најценетите филмски работници во земјава.
Специјалната награда „Златна рамка за особен придонес кон Друштвото на филмски работници на Македонија и македонската кинематографија“ му се доделува на Апостол Трпески, како признание за неговата долгогодишна работа како директор на фотографија, професор и ментор на повеќе генерации филмски автори.
Трпески е потпишан зад значајни филмски, телевизиски и документарни проекти, меѓу кои „Џипси меџик“, „До балчак“ и „Златна петорка“, а со својата работа и ангажман остави трајно влијание врз развојот на македонската филмска заедница.
Наградите ќе бидат врачени на свечена церемонија поддржана од Општина Центар и Младинскиот културен центар.


