ОТКРИЕНИ ДЕТАЛИТЕ ЗА СКОПСКО ЛЕТО 2026 Моќна програма, историски документи и музички спектакл
47. издание на фестивалот ќе започне со изложба посветена на 75 години од постоењето на Државниот архив, а вечерта ќе продолжи со уникатен музички проект.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје го објави дигиталното издание на каталогот за 47. издание на фестивалот „Скопско лето 2026“, со што официјално започнува подготовката за едно од најзначајните културни случувања во главниот град.
Каталогот, како и целокупниот визуелен идентитет на фестивалот, се дело на графичкиот дизајнер Климент Коробар, кој преку својот препознатлив креативен пристап го обликува изгледот на овогодишното издание.
Фестивалот ќе биде отворен со изложбата „75 години Државен архив на Република Северна Македонија“, која ќе биде поставена во Музејот на македонската борба за самостојност со почеток во 20:30 часот. Изложбата е посветена на 75-годишниот јубилеј на Државниот архив и претставува избор од најзначајните документи што ја сочинуваат историската меморија на државата.
Посетителите ќе имаат можност да видат материјали од централниот архив и деветте одделенија во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Велес. На 16 изложбени паноа се прикажани документи поврзани со историјата на Македонија во османлискиот период, секојдневниот живот, македонската дијаспора, културниот развој во XX век и институционалната меморија на македонската држава.
Изложбата претходно беше претставена на Свечената академија одржана на 6 април 2026 година во Македонскиот народен театар, по повод јубилејот на институцијата, а во следниот период ќе биде презентирана и во Куманово. Автори на поставката се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски.
Свеченото отворање на „Скопско лето 2026“ ќе продолжи со концертот „Аманет во свила: Звуците на Македонија од Византија до денес“ на Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и мултиинструменталистот Петар Христов.
Концертот претставува уникатен аудио-визуелен проект кој ги обединува традиционалниот македонски мелос, византиската духовна музика и класичниот музички израз. Преку звуците на автентични инструменти како лира, уд, лаута, дудук, ксантур, тамбура и кларинет, публиката ќе биде поведена низ вековите на музичкото наследство.
Во програмата се вклучени 18 музички точки, почнувајќи од традиционални теми како „Развивај горо зелена“, преку духовните Псалми 118 и 120, композициите „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, па сè до оркестарските изведби „Весела Византија“ и „Бузелик“.
Проектот „Аманет во свила“ е авторско дело на Петар Христов, со аранжмани на Александар Ицковски, и претставува уметничко истражување на културните слоеви што низ вековите го обликувале македонскиот простор.
Со спојот на византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз, концертот создава своеобразно патување низ времето и ја истакнува богатата традиција, културниот континуитет и музичкото наследство на Македонија.


