ЌЕ СЕ ИЗРАДУВААТ СИТЕ ВОЗАЧИ Следува драстичен пад на цените на пумпите
Премиерот Мицкоски најави намалување на цените, а конечната одлука ќе ја соопшти Регулаторната комисија во понеделник.

Граѓаните и превозниците во Македонија од следната недела може да добијат значително олеснување за трошоците за гориво. Се очекува намалување на цените на нафтените деривати на бензинските пумпи, поради падот на цената на суровата нафта и смирувањето на тензиите на Блискиот Исток.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека направените пресметки покажуваат намалување на цените, иако во меѓувреме има мало зголемување на вредноста на американскиот долар.
Според него, бензинот би можел да поевтини за околу 4 денари по литар, додека кај дизелот се очекува уште поголемо намалување и околу 7 денари по литар.
„Имајќи ги предвид сите аспекти и фактот дека на мировна маса се и Израел и Хезболах, очекувам кризата да се заокружи и да влеземе во помирен период. Тоа би значело до крајот на годината просечната цена на барел нафта да биде меѓу 70 и 80 долари“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека конечните цени ќе бидат познати во понеделник, кога Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија официјално ќе ги објави новите пресметки.


