2,4 МИЛИОНИ ЕВРА ПОД ЛУПА Паднаа првите одлуки за аферата во ФФМ, тројца во притвор
Кривичниот суд одреди 30-дневен притвор за поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, и уште две лица, додека петмина добија куќен притвор.

Кривичниот суд донесе одлука за мерките против осомничените во истрагата за наводна проневера во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). На три лица им е определен 30-дневен притвор, додека петмина ќе бидат во куќен притвор.
Во притвор од 30 дена се поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, како и лицата со иницијали О.М. и Ѓ.Ч.
Куќен притвор добија Н.Л., И.П., И.Ш., С.Т. и К.А., додека за Т.П., Ј.Д., Д.Ј. и Е.Н. се определени мерки на претпазливост.
Судот дополнително ќе одлучува за мерките за пет лица кои се недостапни за органите на прогонот. За двајца од нив Обвинителството побара притвор, а за тројца мерки на претпазливост.
Акцијата, спроведена по повеќегодишна предистражна постапка, е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Управата за финансиска полиција и МВР. Во рамки на истрагата биле опфатени 18 лица, од кои 12 се приведени.
Обвинителството сомничи дел од осомничените за проневера на повеќе од 180 милиони денари, односно околу 2,4 милиони евра, средства поврзани со работењето на ФФМ и одредени инфраструктурни проекти.
Претходно, во рамки на случајот, беше приведен и поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, на кого му беше определен притвор поради сомнение за проневера поврзана со изградбата на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.
ИСТРАГА ШТО ГО ТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Поранешниот претседател на ФФМ приведен со уште 15 лица


