ГРУПАТА Б ЗОВРИЕ Канада и Швајцарија чекорат кон нокаут-фазата
Канада го декласираше Катар со 6:0, Швајцарија ја скрши БиХ по црвениот картон на Мухаремовиќ, а Мексико веќе го завери местото во следната рунда.

Канада и Швајцарија направија голем чекор кон осминафиналето на Светското првенство, откако во второто коло од групата Б забележаа убедливи победи над Катар и Босна и Херцеговина.
Швајцарците славеа со 4:1 против БиХ во натпревар што долго време беше неизвесен. Босанците одиграа солидни седумдесетина минути, но пресвртниот момент се случи во 80. минута кога Мухаремовиќ доби директен црвен картон при спречување сигурна гол-шанса.
Само шест минути претходно Манзамби, во својот прв контакт со топката, го отвори резултатот за Швајцарија. Со играч повеќе, Швајцарците ја искористија предноста и преку Варгас во 84. минута зголемија на 2:0. Манзамби во финишот уште еднаш се запиша во листата на стрелците за 3:0, пред Ермин Махмиќ да намали на 3:1 по корнер. Во судиското продолжение беше досуден пенал за Швајцарија по ВАР-проверка, а Гранит Џака го постави конечниот резултат – 4:1.
На другиот натпревар од групата, Канада беше немилосрдна против Катар и триумфираше со убедливи 6:0. Херој на вечерта беше Џонатан Дејвид со хет-трик, додека Катар натпреварот го заврши со само деветмина фудбалери по исклучувањата на Хомам Ахмед во 33. и Асим Мадибо во 51. минута.
Клај Ларин го отвори резултатот во 16. минута, а Дејвид погоди двапати до паузата. Во второто полувреме Нејтан Салиба зголеми на 4:0, следуваше автогол на Мохамед Манаи, а Дејвид во судиското продолжение го комплетираше својот хет-трик за конечни 6:0.
По две одиграни кола, Канада и Швајцарија имаат по четири бодови, додека Босна и Херцеговина и Катар остануваат на по еден бод. Во последното коло ќе се сретнат Канада – Швајцарија и БиХ – Катар.
Во групата А, Мексико обезбеди пласман во нокаут-фазата откако ја совлада Јужна Кореја со 1:0. Со втората победа на турнирот, Мексиканците се искачија на врвот на табелата со максимални шест бодови и предвреме го заверија местото во следната рунда.


