ПУКНА ЕДИНСТВОТО ВО ЕУ Лидерите се скараа околу Путин и иднината на Украина
Францускиот претседател и германскиот канцелар се спротивставија на иницијативата за отворање канал со Москва, предизвикувајќи нови тензии меѓу европските лидери.

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се спротивставија на идејата Европската Унија да воспостави директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин, што предизвика нови поделби во срцето на европскиот блок.
На затворениот самит во Брисел, првиот од 2010 година без поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, според извори на „Политико“, Макрон и Мерц го критикувале пристапот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој се обидел да отвори дипломатски канал со Москва во име на сите 27 земји членки.
Несогласувањето откри поширока дилема во ЕУ, дали Брисел треба да игра активна посредничка улога во разговорите со Русија или фокусот треба да остане на поддршката за Украина и координацијата со западните партнери.
Ставовите на Макрон и Мерц ги поддржаа неколку земји со најтврд став кон Москва, меѓу кои Данска и Холандија. Тие сметаат дека моментот не е погоден за разговори со Путин и дека доколку дојде време за дипломатски контакти, водечка улога треба да има форматот „Е3“ Франција, Германија и Велика Британија.
„Европската Унија не може да ја преземе улогата на посредник во овие преговори“, изјави естонската премиерка Кристен Михал.
Таа предупредува дека создавањето паралелни дипломатски канали може да биде погрешен чекор.
Од друга страна, голем број европски лидери застанале зад Кошта, оценувајќи дека претседателот на Европскиот совет е единствениот кој има мандат да ја претставува целата Унија.
„Првото прашање е дали Путин воопшто сака да преговара. Дотогаш, никој друг освен Кошта не може да ја претставува Европската Унија“, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер.
Тензиите се зголемија откако беше откриено дека кабинетот на Кошта воспоставил контакти со руски претставници во изминатите недели. Неговиот тим објасни дека целта била само да се создаде комуникациски канал кој би можел да се користи во иднина, без конкретни преговори.
Сепак, дел од европските дипломати реагирале остро, тврдејќи дека некои лидери не биле навремено информирани за потезите на Кошта и дека за чувствителни прашања е потребна поголема координација.
Германски извори велат дека Берлин поддржува создавање формат кој може брзо да реагира, но само со широка европска поддршка и тесна координација со Украина и САД.
Дополнителна линија на поделба се појави околу улогата на Италија и Полска, кои сметаат дека не треба да бидат изоставени од клучните разговори. Двете земји го формираат неформалниот формат „Е5“ заедно со Франција, Германија и Велика Британија.
Дебатата за идната стратегија кон Русија се очекува да продолжи следната недела во Берлин, каде Мерц ќе биде домаќин на Макрон и лидерите на Велика Британија, Полска и Италија.
Во меѓувреме, Европската Унија останува поделена меѓу оние кои бараат посилен дипломатски ангажман и оние кои сметаат дека секој контакт со Москва мора внимателно да биде ограничен.


