ЛЕКАР И МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ПОД ИСТРАГА Ботокс за 80 долари на фактура, а реална вредност над 600 илјади денари
Цариниците при контрола откриле дека наместо пријавени козметички примероци, во пратката се наоѓале 199 вијали со ботокс.

Доктор и медицинска сестра се сомничат дека се обиделе да внесат во земјава 199 вијали со ботокс, вредни околу 615 илјади денари, преку поштенска пратка која била пријавена како козметички примероци со вредност од само 80 американски долари.
Против двете лица е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривични дела „криумчарење“ и „царинска измама“, за кои е предвидена одговорност согласно Кривичниот законик.
Случајот бил откриен од царинските службеници на Царинската испостава Скопје 1 при детална контрола на поштенска пратка наменета за увозно царинење. Во приложената документација биле наведени само 10 козметички производи, но при отворањето на пратката биле пронајдени 199 вијали со ботокс, кои не биле прикажани во фактурата.
По откривањето, случајот бил преземен од Одделението за истраги, кое спровело предистражни дејствија. По наредба на јавен обвинител бил извршен и претрес на три локации.
Според досегашните сознанија, првоосомничениот, лекар вработен во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, нарачал ботокс од компанија во Република Кореја и се договорил производите во фактурата да бидат прикажани како козметички примероци со значително пониска вредност.
Второосомничената, медицинска сестра вработена во истиот клинички центар, според истрагата, се согласила пратката да биде испратена на нејзино име и адреса, а фактурата ја платила преку својата трансакциска сметка.
Надлежните институции продолжуваат со преземените активности за целосно расчистување на случајот.


