ПОЧНУВА ПРОЕКТОТ ШТО МОЖЕ ДА ЈА СМЕНИ МАКЕДОНИЈА Брза пруга од граница до граница

Најавена изградба на брза железница од српската до грчката граница, дел од големиот европски транспортен коридор.

ПОЧНУВА ПРОЕКТОТ ШТО МОЖЕ ДА ЈА СМЕНИ МАКЕДОНИЈА Брза пруга од граница до граница
Фото: Принтскрин

Изградбата на брза железница на македонскиот дел од Коридорот 10 започнува, а проектот треба да донесе големи промени во транспортот на патници и стока во регионот, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“ во Солун.

Говорејќи на панелот „Остварување на проширувањето на ТЕН-Т: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“, Николоски истакна дека Коридорот 10 е еден од најзначајните економски правци во Европа и дека неговото целосно развивање може значително да ја промени економската слика на Југоисточна и Централна Европа.

Според него, овој коридор претставува директна врска од пристаништата во Атина и Солун до северниот дел на Европа, а побрзиот транспорт преку јужните пристаништа може да донесе големи економски придобивки.

„Ако бродовите се закотвуваат во Солун или Пиреј, транспортот е за 21 до 22 дена пократок отколку преку северните европски пристаништа. Причината поради која оваа можност сè уште не е целосно искористена е потребата од подобра железничка инфраструктура“, рече Николоски.

Тој посочи дека во регионот веќе се реализираат значајни железнички проекти и брзата железница меѓу Атина и Солун е во функција, а завршена е и делницата Белград-Будимпешта. Во исто време, Србија работи на модернизација на делот Белград-Ниш.

„Она што недостига е поврзувањето меѓу Ниш, Скопје и Солун. Македонија започна амбициозна програма за изградба на брза железница на целиот Коридор 10, од српската до грчката граница“, нагласи Николоски.

Според него, целосното поврзување на коридорот ќе овозможи поголема конкурентност, побрз транспорт и нови економски можности за целиот регион.

CATEGORIES
Share This