БРИСЕЛ ПРЕСЕЧЕ Бугарскиот протокол остана, Македонија доби нова порака од Европскиот парламент

Европскиот парламент го задржа ставот за историската комисија и побара конкретни резултати во согласност со преземените обврски.

БРИСЕЛ ПРЕСЕЧЕ Бугарскиот протокол остана, Македонија доби нова порака од Европскиот парламент
Фото: Принтскрин

Европскиот парламент на пленарната седница во Стразбур го усвои Извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година, кој дава оценка за состојбите во повеќе области важни за евроинтегративниот процес на земјата.

Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа против. Најголемо внимание пред гласањето предизвика прашањето околу Вториот протокол од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој и покрај иницијативите за негово отстранување, остана дел од конечниот текст.

Европратениците го одбија амандманот на известувачот Томас Вајц за бришење на ставот 73 од извештајот. За задржување на ставот гласаа 338 пратеници, додека 126 беа за негово укинување.

Во овој дел од документот се бара Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне конкретни резултати, повикувајќи се на историски извори и документи, како и на обврските произлезени од Вториот протокол. Во извештајот повторно се споменува и концептот на „заедничка историја“.

Европскиот парламент повтори дека уставните измени остануваат клучен услов за продолжување на пристапниот процес, нагласувајќи дека следната меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската Унија може да се одржи по исполнување на преземените обврски.

Во извештајот се посочува и потребата од заштита на културното и историското наследство, со осуда на обидите за уништување или промена на историски споменици и артефакти. Европратениците побараа и поголема транспарентност, како и пристап до архивите на поранешните југословенски безбедносни служби.

Документот нотира ограничен напредок во одредени области, но ја нагласува стратешката важност на Коридорот 8, изградбата на железничката врска со Бугарија и потребата од усогласување со европските стандарди и одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Пред гласањето, премиерот Христијан Мицкоски упати повик до европратениците да ги поддржат измените со кои билатералните прашања би биле извадени од рамката на европскиот пристапен процес, оценувајќи дека Македонија треба да добие фер и принципиелен третман на патот кон членство во Европската Унија.

CATEGORIES
Share This