ПРЕМИЕРОТ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ И СДСМ Времето на празни ветувања заврши
Мицкоски вели дека Владата гради нови пријателства и ги брани државните интереси.

Премиерот Христијан Мицкоски ја обвини опозициската СДСМ дека испраќа пораки исполнети со, како што рече, конструкции и невистини, посочувајќи го Преспанскиот договор како пример за политиките од минатото.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски оцени дека по потпишувањето на договорот биле дадени големи ветувања од европските претставници, но дека голем дел од нив не биле исполнети.
„Ни беше ветувано дека ќе има големи придобивки, подобро здравство, подобро образование, повеќе можности за младите, брзо започнување и завршување на преговорите со ЕУ. Освен членството во НАТО, останатото не се реализираше“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека актуелната влада, според него, води поинаква надворешна политика заснована на аргументи, а не на, како што кажа, „гланцање чевли во Брисел и коленичење пред евродипломати“.
Мицкоски додаде дека комуникацијата со европските партнери мора да биде јасна и конкретна, бидејќи времето за претставување на ставовите е ограничено.
„Мора во неколку минути да ја пренесете суштината и аргументите што имаат логика и што можат да бидат разбрани“, рече тој.
Премиерот посочи дека Владата продолжува да работи на создавање пријателства и поддршка на меѓународен план, нагласувајќи дека процесот кон европската интеграција ќе биде долг.
„Ова не е спринт, туку маратон. Свесни сме за грешките од минатото, но сме подготвени да се бориме и ќе продолжиме да се бориме“, порача Мицкоски.
https://nacionalno.mk/mickoski-otkriva-bugari-a-ima-skrien-spisok-od-desetici-novi-bara-a/


