8 ГОДИНИ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Нели е историски? Зошто тогаш молк и нема прослави, прашува Единствена Македонија
Единствена Македонија повторно го оцени договорот како штетен и најави дека ќе го поништи доколку добие политичка доверба.

Денес, 17 јуни повторно е уште едно потсетување дека пред осум години марионетската влада на Зоран Заев го потпиша т.н. преспански договор. Според ставот на партијата со договорот се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Додека дел од странсите претставници и домашни политичари, меѓу кои и Сиљановска Давкова Гордана, го оценуваат договорот како позитивен и историски значаен за Македонија, од Единствена Македонија посочуваат дека јавноста не го доживува 17 јуни како ден за одбележување.
Од партијата прашуваат зошто, ако овој настан се смета за историски од страна на неговите поддржувачи, во земјата нема официјални манифестации, одбележувања или прослави по повод годишнината.
„Актерите на договорот, и странски и домашни, останаа неми. Во Македонија нема чествување на 17 јуни, денот кој за некои се означува како историски“, велат од Единствена Македонија.
Партијата повторно го потврдува својот став дека Преспанскиот договор е, како што наведуваат, „капитулантски и штетен за Македонија и Македонците“. Од таму додаваат дека, добрата работа е што договорот меѓународно-правно опсервирано е ништовен според три правни основи содржани во Виенската конвенција за правото на договорите.
Единствена Македонија најавува дека, доколку ја добие довербата од граѓаните, ќе преземе чекори за, како што велат, „одземање на важноста“ на Преспанскиот договор.


