(ВИДЕО) МЕСИ ПИШУВА ИСТОРИЈА На 39 години го направи невозможното на Мундијалот

Капитенот на светските шампиони блесна во Канзас Сити и постави нови граници во историјата на Мундијалите.

(ВИДЕО) МЕСИ ПИШУВА ИСТОРИЈА На 39 години го направи невозможното на Мундијалот
Фото: Принтскрин

Лионел Меси уште еднаш испиша историја на најголемата фудбалска сцена. Само една недела пред да го прослави 39. роденден, аргентинската ѕвезда блесна со хет-трик во првиот настап на својата репрезентација на Светското првенство.

Во Канзас Сити, актуелниот светски шампион Аргентина славеше со убедливи 3-0 против Алжир, а сите три погодоци беа дело на капитенот. Со овој учинок, Меси стигна до 16 гола на мундијалите и се израмни со Германецот Мирослав Клосе на вечната листа на најдобри стрелци во историјата на Светските првенства.

Меси повторно беше лидер на тимот во одбраната на титулата, а неговиот настап ќе остане запаметен и по уште еден историски момент и тој стана првиот фудбалер кој играл на шест различни изданија на Светското првенство.

Натпреварот имаше дополнителна тежина за аргентинската легенда, бидејќи тоа беше негов 200-ти настап во националниот дрес. Со трите гола против Алжир, Меси стигна до бројката од 120 погодоци за Аргентина.

Првиот гол падна во 17. минута, кога Меси ја прими топката на околу 30 метри од голот, се проби кон казнениот простор и прецизно шутираше со левата нога. Голманот Лука Зидан, синот на легендарниот Зинедин Зидан, успеа само да ја допре топката, но не и да го спречи погодокот.

Вториот гол аргентинскиот капитен го постигна во 60. минута. По обидот на Мек Алистер и одбраната на Зидан, Меси ја следеше акцијата, ја прифати одбиената топка и ја смести во мрежата.

Круна на фантастичната вечер беше третиот погодок во 76. минута. Меси со маестрален удар од работ на шеснаесетникот го постигна својот хет-трик и го израмни рекордот за најмногу голови на Светските првенства.

Уште еден спектакуларен настап на фудбалерот кој продолжува да ги поместува границите на историјата.

CATEGORIES
Share This