ОСУМ ГОДИНИ ОД ПРЕСПА Денот што засекогаш ја промени Македонија

Осум месеци подоцна договорот беше ратификуван, а на 12 февруари 2019 година државата официјално стана Република Северна Македонија.

ОСУМ ГОДИНИ ОД ПРЕСПА Денот што засекогаш ја промени Македонија
Фото: Принтскрин

На денешен ден, 17 јуни 2018 година, на брегот на Преспанското Езеро, во грчкото село Нивици (Псарадес), беше потпишан Договорот од Преспа, со кој беше ставена точка на повеќедеценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција.

Своите потписи на документот ги ставија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и на посредникот во преговорите Метју Нимиц и бројни високи претставници на Европската Унија и меѓународната заедница.

По осум месеци, договорот беше ратификуван во Собранието на Македонија и во грчкиот парламент. На 12 февруари 2019 година тој официјално стапи во сила, со што државата го промени уставното име во Република Северна Македонија. Со договорот беше утврдено државјанството како „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, додека македонскиот јазик беше признаен под тој назив.

Потпишувањето и имплементацијата на договорот предизвикаа силни реакции и поделби во двете земји. Во Македонија, на 30 септември 2018 година беше одржан консултативен референдум со прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

На гласањето излегоа 36,91 отсто од запишаните избирачи, што беше под потребниот цензус за успешност на референдумот. Од оние што гласаа, 91,47 проценти се изјаснија „за“, а 5,64 проценти „против“. Во пресрет на референдумот беше спроведена интензивна меѓународна кампања, при што бројни европски и светски лидери ги повикуваа граѓаните да го поддржат договорот, наведувајќи дека тоа ќе го забрза патот кон членство во Европската Унија и НАТО.

Договорот од Преспа практично го отвори патот за членството на земјата во НАТО, откако Грција се обврза дека нема да го блокира приемот. Истовремено, Атина презеде обврска да не го попречува европскиот интеграциски процес на Северна Македонија.

CATEGORIES
TAGS
Share This