САД И ИРАН ПРЕД ИСТОРИСКИ ЧЕКОР Меморандумот ќе се потпише на швајцарска локација

Меморандумот за разбирање меѓу Вашингтон и Техеран ќе биде потпишан во швајцарското одморалиште Бургеншток, каде двете страни ќе направат нов дипломатски чекор.

САД И ИРАН ПРЕД ИСТОРИСКИ ЧЕКОР Меморандумот ќе се потпише на швајцарска локација
Фото: Принтскин

Меморандумот за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран сепак нема да биде потпишан во Женева, туку во познатото швајцарско одморалиште Бургеншток, соопшти швајцарското Министерство за надворешни работи.

Портпаролот на министерството, Никола Бидо, изјави дека изборот на локацијата бил предлог на пакистанските и катарските посредници, но и на двете страни во преговорите САД и Иран.

„Швајцарија делува како посредник во обезбедувањето практични и дипломатски услови за одржување на средбата на нејзина територија“, посочи Бидо, пренесува швајцарскиот весник „Ле Темпс“.

Бургеншток е планинско одморалиште во централниот дел на Швајцарија, сместено на повеќе од 1.100 метри надморска височина, во близина на езерото Луцерн.

Церемонијата на потпишување е планирана за петок. Американската делегација ќе ја предводи потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, додека Иран ќе го претставува претседателот на парламентот, Мохамад Багер Калибаф.

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Маџид Тахт-Раванчи, изјави дека по потпишувањето на меморандумот ќе започнат официјални разговори меѓу двете делегации.

Според него, содржината на документот веќе им била претставена на главните преговарачи, при што било нагласено дека конфликтот е завршен и дека „нема да има повеќе војна на ниту еден фронт“.

Тахт-Раванчи наведе дека една од клучните точки на договорот се однесува на прекин на конфликтите на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и воспоставување механизам за реакција доколку некоја од страните го прекрши договорот.

Во однос на нуклеарната програма на Иран, тој посочи дека по потпишувањето ќе следуваат разговори за збогатувањето на ураниум, залихите и потребите на иранскиот нуклеарен сектор.

„По потпишувањето на меморандумот ќе разговараме за нуклеарната енергија. Сè уште не сме навлегле во деталите. Ќе се дискутира и за збогатувањето, резервите и нуклеарните потреби на Иран“, изјави иранскиот функционер.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопшти дека Венс ќе присуствува на официјалната церемонија, наведувајќи дека таа ќе се одржи во Женева.

ИСТОРИСКИ ПРЕСВРТ – САД и Иран постигнаа договор, ова се клучните точки

CATEGORIES
Share This