АПЕЛАЦИЈА ГО ПУШТИ ГАЗДАТА НА ПУЦКО ПЕТРОЛ Јахоски излегува од „Шутка“ со гаранција од над 2 милиони евра
Јахоски е еден од главните осомничени во случајот „Адитив“, кој се смета за еден од најголемите корупциски скандали во Македонија во последните години.

Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко Петрол“ и осомничен во големиот случај „Адитив“, излегува од истражниот затвор „Шутка“ откако Апелацискиот суд ја прифати неговата жалба и одлучи да го ослободи со парична и имотна гаранција во вкупна вредност од над два милиони евра.
Во соопштението на судот се наведува дека решението на Основниот кривичен суд Скопје е преиначено, при што укината е мерката притвор со прифаќање гаранција составена од 986.540 евра во денарска противвредност преку хипотека на недвижен имот, како и 72 милиони денари (околу 1.17 милиони евра) во готовина, уплатени во корист на државата.
Јахоски останува без патна исправа и има обврска да се јавува повремено во судот. Апелацискиот суд ја оправдува одлуката со фактот дека обвинителството дало позитивно мислење за негово ослободување под услов да се обезбеди дополнителна гаранција во готовина, освен првично понудениот имот.
Јахоски е еден од главните осомничени во случајот „Адитив“, кој се смета за еден од најголемите корупциски скандали во Македонија во последните години. Според наводите, станува збор за злоупотреби при јавни набавки на адитиви за јаглен наменети за термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј. Во случајот се инволвирани повеќе високи службеници и бизнисмени.
Истрагата за случајот „Адитив“ продолжува, додека јавноста со внимание го следи развојот на настаните поврзани со овој обемен и сериозен процес.


