СЕ БОРИ ДО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ Јакимовски не се предава и побара одложување на затворската казна

Јакимовски бара одложување на извршувањето на затворската казна, повикувајќи се на законски можности и здравствени причини.

СЕ БОРИ ДО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ Јакимовски не се предава и побара одложување на затворската казна
Фото: Принтскрин

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ќе бара одложување на извршувањето на затворската казна, откако од Кривичниот суд беше информиран дека на 2 јули треба да се јави во затворот „Скопје“.

Информацијата за „Фокус“ ја потврди самиот Јакимовски, наведувајќи дека постојат оправдани причини за одложување. Истото го потврди и неговиот адвокат Виктор Цветковски, кој посочи дека Законот за извршување на санкциите ја предвидува оваа можност.

„Постои законска можност, а постојат и оправдани здравствени причини… сигурно дека ќе бараме одлагање“, изјави адвокатот Цветковски за „Фокус“.

Според законот, одложување на извршувањето на казната затвор може да се одобри во повеќе случаи, меѓу кои: сериозна болест или лекување од зависности, смрт или тешка болест во потесното семејство, сезонски или неодложни работи, обврски што би предизвикале значителна штета ако не се завршат, завршување на школска година или полагање испити, семејни околности кои би ја загрозиле егзистенцијата, како и случаи поврзани со грижа за деца или немоќни лица. Одложување е можно и за бремени жени или мајки со дете помало од една година.

Во случаи на здравствени причини, одложувањето трае додека трае лекувањето, при што осуденото лице е должно на секои 30 дена да доставува доказ за здравствената состојба.

Барањето за одложување се поднесува во рок од три дена од приемот на упатниот акт.

Пред неколку дена од Кривичниот суд беше соопштено дека, по правосилна пресуда на Апелациониот суд, Јакимовски е осуден на една година затвор за изградбата на општинската зграда во Карпош. Во казната се засметува и времето поминато во притвор, па тој треба да издржи уште околу седум месеци затворска казна.

Јакимовски најави и жалба пред Врховниот суд, со која ќе ја оспори правосилната пресуда.

СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ОДИ ЗАД РЕШЕТКИ Познат датумот

CATEGORIES
Share This