НОВА БАЛЕТСКА СЕНЗАЦИЈА Приказна за жена која го предизвика општеството
Балет инспириран од класиката на Флобер ја отвора вечната тема за слободата и страста.

На 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведен балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, поставен во два чина и инспириран од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Претставата ја истражува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода и ограничувањата на општествените норми и тема што останува актуелна и денес.
Диригент на изведбата е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина, кој преку современ и прецизен израз го доловува духот на 19 век и сложената емоционална состојба на главниот лик.
Музичката основа ја сочинуваат дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл. Сценографијата и костимографијата се дело на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина), светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а пијанист Андреја Наунов. Проектот го менаџира Киро Павлов.
Во насловната улога на Ема Бовари настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, Шарл Бовари го толкува Франциско Хименез Руиз, а Родолф Буланже е Балаж Лочеи. Во останатите улоги се појавуваат Дмитро Чеботар, Ендру Кук и Ангела Богатинова, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ претставува балетска интерпретација на едно од најзначајните дела на светската книжевност. Со внимателно одбрана музика, визуелно богата сценографија и силна кореографска експресија, претставата ја следи емотивната и психолошка драма на Ема Бовари, жена растргната меѓу соништата, страстите и општествените ограничувања, нудејќи силно и впечатливо театарско доживување.


