ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ Брзите кредити повеќе нема да се исплаќаат во готовина

Министерството за финансии подготвува законски измени со кои се заострува контролата врз финансиските друштва, се зголемуваат условите за работа и се укинува исплатата на кредити во готовина.

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ Брзите кредити повеќе нема да се исплаќаат во готовина
Фото: Принтскрин

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои значително ќе се зајакнат контролата, транспарентноста и надзорот во секторот на брзите кредити.

Со новите законски решенија се предвидува воведување задолжителни внатрешни контролни механизми, меѓу кои одбори за ревизија и управување со кредитен ризик, како и построги критериуми за отворање нови деловни простории. Дополнително, ќе се зголеми минималниот износ на основната главнина што финансиските друштва треба да ја поседуваат за да работат на пазарот.

Една од клучните новини е што исплатата на кредити повеќе нема да се врши во готовина, туку исклучиво преку банкарска сметка, со цел поголема следливост и заштита на корисниците.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека предложените измени се резултат на спроведени контроли кои откриле слабости и неправилности во работењето на дел од финансиските друштва. Во одредени случаи, како што посочи, биле преземени и најстроги мерки, вклучително и одземање лиценци за работа.

Целта на законските измени е да се обезбеди повисоко ниво на заштита на граѓаните, поголема финансиска дисциплина и унапредување на стандардите во работењето на финансиските друштва.

CATEGORIES
Share This