СРАМНА И СКАНДАЛОЗНА ПРАКСА Пратеници чие основно знаење е да разликуваат само зелено од црвено копче ќе им објаснуваат закони на Судскиот совет
Од Единствена Македонија оценуваат дека барањето за толкување од Собранието е признание за недостаток на стручност и самостојност во Судскиот совет.

Единствена Македонија изразува сериозна загриженост со најновото постапување на Судскиот совет, кој наместо самостојно и стручно да ги толкува и применува одредбите од новиот Закон за Судски совет, се обратил до Собранието со барање за толкување на законски норми.
Сметаме дека ваквиот чекор е крајно несоодветен и претставува сериозно нарушување на професионалниот интегритет на Судскиот совет, кој, барем според законот се смета дека е составен од истакнати правници, чија основна должност е да го применува и толкува законот во рамките на своите надлежности.
Не е спорно дека Собранието има законска надлежност за автентично толкување. Но, во случајот, срамно и неодговорно е да се бара толкување од Сускиот совет чија работа по природата на нештата се токму законите. Собранието е политичко тело со пратеници поставени по политичка линија и без соодветно стручно правничко знаење и чија способност се сведува на знаењето да можат да разликуваат црвено од зелено копче кога гласаат откако претходно им се кажува како да гласаат.
Ова отвора сериозни сомнежи за стручноста и независноста на Советот, како и за неговата способност да постапува во согласност со својата уставна улога. Оваа пракса е неприфатлива и претставува опасен преседан кој може да доведе до политизација на правните процеси и слабеење на владеењето на правото.
Јавно бараме одговорност за ваквото нестручно и несоодветно постапување, како и итно преиспитување на практиките на одлучување во рамките на Судскиот совет.
Владеењето на правото подразбира професионалност, самостојност и одговорност а не префрлање на сопствената основнас надлежност на други институции.


