ВАНДАЛИЗАМ ВО КАРПОШ Клупи, канделабри и игралишта на удар

Општината алармира за серија на оштетувања на јавната урбана опрема и игралиштата.

ВАНДАЛИЗАМ ВО КАРПОШ Клупи, канделабри и игралишта на удар
Фото: Принтскрин

Од Општина Карпош изразуваат сериозна загриженост поради зачестените случаи на вандализам и оштетување на урбаната опрема и детските игралишта на целата територија на општината.

Според информациите од општината, во последниот период се евидентирани повеќе случаи на уништување на клупи, корпи за отпадоци, паркинг држачи за велосипеди, како и детски и спортски реквизити, заедно со друга урбана опрема.

Последниот инцидент, во кој е оштетена канделабра од страна на малолетни лица, дополнително ја нагласува потребата од зголемена грижа, одговорност и превенција. Од таму посочуваат дека покрај материјалната штета, ваквите постапки претставуваат и сериозен ризик по безбедноста на граѓаните во јавниот простор.

Сите досега пријавени случаи се доставени до Полициската станица Карпош, од каде што е најавено засилено присуство на полициските службеници на терен, како и активности за расчистување на случаите.

Од општината упатуваат апел до граѓаните за одговорно однесување кон јавната и урбаната опрема, како заеднички имот, и за навремено пријавување на секој вандалски чин до надлежните служби.

„Апелираме и до родителите за поголема информираност за движењето и однесувањето на нивните деца, како и за разговори за значењето на зачувување на јавниот простор и последиците од несоодветно однесување.

Да го чуваме заедничкиот простор, бидејќи јавниот имот е одговорност на сите нас“.

CATEGORIES
Share This