СООБРАЌАЈОТ БЕЗ ЗАСТОИ Но возачите да бидат внимателни поради влажни коловози и работи на пат
АМСМ предупредува на можни одрони на повеќе делници, додека на неколку патни правци низ земјава се спроведуваат градежни активности со времен режим на сообраќај.

Денеска (12.06) сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено, но по влажни коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ клисури, речни долини и котлини каде постои опасност од одрони. Најризични се патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани -Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица од 15 април е повторно отворен за сите возила со маса до 3,5 тона.
Во меѓувреме, на повеќе делници низ државата се во тек градежни активности и важат временски режими на сообраќај. Работи се изведуваат на автопатот А2 на делницата Гостивар – Стража, на мостовите кај Желино, на автопатот Смоквица – Гевгелија поради изградба на интерконективен гасовод, како и на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово.
Продолжуваат и активностите за санација на свлечиштето на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, додека поради изградбата на Коридорот 10Д во сила е времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола, со пренасочување на возилата преку регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.


