ХИГИЕНАТА НА СКОПЈЕ НА УДАР – ОБВИНУВАЊА И ОПРАВДУВАЊА Градот функционира вели Арсовска
Градоначалничката нагласи дека Комуналната инспекција на Скопје има двојно повеќе инспекциски надзори и изречени казни во однос на другите инспекциски служби во државата.

Градот Скопје сè почесто е на удар на критики поради лошата состојба со хигиената. Градоначалничката Данела Арсовска тврди дека јавните комунални служби функционираат нормално и дека ситуацијата не се разликува од претходните години.
„Градот Скопје функционира, ЈП ‘Комунална хигиена’ работи подеднакво како и секогаш. Секојдневно се излегува на терен според утврден распоред“, изјави Арсовска, додавајќи дека дел од проблемите произлегуваат од неодговорното однесување на одредени приватни субјекти.
Според неа, некои правни лица и компании, наместо отпадот да го одложат во санитарната депонија „Дрисла“, го оставаат во или покрај јавните контејнери, што создава дополнителен хаос на улиците. Таа посочи дека Градот вовел ригорозни санкции и дека се работи на идентификување и санкционирање на ваквите случаи.
„Имаме ситуации каде што приватни субјекти, кои собираат отпад од домаќинства или правни лица, го одлагаат отпадот покрај контејнерите. Во одредени часови, кога нема контроли, го празнат отпадот нелегално“, рече Арсовска.
Градоначалничката нагласи дека Комуналната инспекција на Скопје има двојно повеќе инспекциски надзори и изречени казни во однос на другите инспекциски служби во државата. Таа, исто така, оцени дека дел од проблемот лежи и во недоволниот ангажман на општините и нивните комунални служби.
Иако тврди дека улиците редовно се метат, Арсовска признава дека многу брзо повторно се валкаат. На новинарско прашање да ја оцени хигиената во градот од 1 до 10, таа одби да даде конкретна бројка.
Останува нејасно дали граѓаните ќе се задоволат со ваквите објаснувања, но едно е сигурно,Скопје се соочува со сериозен предизвик во справувањето со отпадот и одржувањето на јавната хигиена.


