МИЦКОСКИ И ТАРАВАРИ БЕЗ КОНЕЧЕН ДОГОВОР Разговорите ќе продолжат

Според неофицијални информации Таравари веќе е „со една нога надвор“ од Владата, а Мицкоски активно бара нови кадровски решенија.

МИЦКОСКИ И ТАРАВАРИ БЕЗ КОНЕЧЕН ДОГОВОР Разговорите ќе продолжат

Без конкретен договор заврши денешната средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на која се разговараше за неговата улога и иднината на неговото крило во владината коалиција.

Владини извори за ТВ24 информираат дека средбата поминала во конструктивна атмосфера, но без конечен епилог. Разговорите ќе продолжат, а во текот на месецот се очекува да биде познато дали Таравари и понатаму ќе остане дел од владејачката структура.

„Средбата заврши во конструктивен дух. Разговорите продолжуваат. Во текот на овој месец ќе биде појасно како ќе функционира крилото на Таравари од Алијансата на Албанците. Мицкоски ги повтори веќе јавно изнесените ставови“, велат од Владата.

Претходно денеска, премиерот испрати остра порака до Таравари, барајќи од него да покаже дали има „образ“ и потенцираше дека Владата е стабилна и без него. Таравари возврати преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека неговата партија „не е чамец за спасување“ и уште еднаш ја потврди својата намера за самостоен настап на претстојните локални избори.

Според неофицијални информации Таравари веќе е „со една нога надвор“ од Владата, а Мицкоски активно бара нови кадровски решенија. Исто така, се посочува дека петтемина пратеници од редовите на Таравари ќе продолжат да делуваат независно во парламентот.

CATEGORIES
Share This