ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНКОВ НА ТЕРЕН Се решава проблем кој со години ги мачеше жителите на Куклиш
Градежна механизација на терен за подобар пристап до земјоделските површини.

Општина Струмица продолжува со уредување на руралната патна инфраструктура. Денеска беше ангажирана градежна механизација за тампонирање и одржување на полските патишта во населеното место Куклиш, со што значително се олеснува пристапот до земјоделските површини за локалните земјоделци, информираат од локалната самоуправа.
Од општината наведуваат дека во рамките на активностите на терен се извршени порамнување и тампонирање на клучни земјоделски делници, кои се од суштинско значење за непречено одвивање на земјоделските работи.
„Овие инфраструктурни зафати се реализираат врз основа на конкретни барања од земјоделците и согласно програмата за работа. Градоначалникот Петар Јанков оствари и директни средби со жителите на Куклиш, при што се разговараше за нивните потреби и за можностите за дополнително олеснување на секојдневната работа и транспортот на земјоделските производи“, стои во соопштението.
Се додава дека подобрувањето на полските патишта претставува директна поддршка за земјоделството како една од клучните стопански гранки во регионот, а активностите за тампонирање ќе продолжат и во наредниот период.


