НОВ ПОЛИТИЧКИ СУДИР – ДУИ објави катастарски документи и побара истрага за седум викенд-куќи за функционери на ВЛЕН

Партијата објави документи за кои тврди дека се од Катастарот и побара антикорупциските и истражните институции да ги испитаат имотните односи меѓу Висар Ганиу и Недим Рама.

НОВ ПОЛИТИЧКИ СУДИР – ДУИ објави катастарски документи и побара истрага за седум викенд-куќи за функционери на ВЛЕН
Фото: Принтскрин

Демократската унија за интеграција (ДУИ) објави документи за кои тврди дека потекнуваат од Агенцијата за катастар на недвижности, а кои, според партијата, отвораат прашања за имотно-правните односи меѓу поранешниот градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, и актуелниот директор на НОМАГАС, Недим Рама.

Според информациите што ги презентира ДУИ, во Имотен лист број 730 за Катастарска општина Лисец-Вонград како носители на право се заведени Висар Ганиу и Недим Рама. Партијата наведува дека двајцата се поврзани со парцела означена како 1/455 на истата локација.

Дополнително, за истата парцела е отворен Лист за предбележување на градба број 1213, во кој како носител на правото е наведен Висар Ганиу. Според објавените податоци, на парцелата се евидентирани седум објекти со намена „А4-3 – викенд куќи“.

Од ДУИ оценуваат дека документите отвораат прашања поврзани со начинот на стекнување на имотот, изворите на финансирање на објектите и евентуалното пријавување на имотот во анкетните листови и изјавите за имотна состојба.

Партијата ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Јавното обвинителство да ги испитаат сите околности поврзани со, како што наведуваат, заедничката сопственост и изградбата на комплексот викенд-куќи.

Во соопштението, ДУИ поставува прашање дали зад политичката соработка во рамки на ВЛЕН постојат и приватни или деловни врски меѓу лица кои извршуваат јавни функции.

До објавувањето на оваа информација нема јавна реакција од Висар Ганиу, Недим Рама или од институциите споменати во соопштението на ДУИ.

CATEGORIES
Share This