МАКЕДОНИЈА СТАНУВА АВИО-ХИТ Аеродромите меѓу најуспешните во Европа
Извештајот на ACI Europe ги рангира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките на континентот.

Меѓународниот совет на аеродромите – Европа (ACI Europe) ги рангираше аеродромите во Скопје и Охрид меѓу најбрзорастечките во Европа, според анализата на воздушниот сообраќај за април 2026 година. Двата аеродрома, управувани од „ТАВ Македонија“, се издвојуваат како лидери меѓу аеродромите од земјите надвор од Европската Унија.
Според извештајот, Северна Македонија бележи раст на патничкиот сообраќај од 30,6 проценти, што е највисок резултат меѓу земјите од географска Европа кои не се членки на ЕУ. Зад неа се Албанија со раст од 25,3 проценти и Молдавија со 24,6 проценти. Во исто време, голем број европски пазари бележат пад на патничкиот сообраќај.
Податоците на „ТАВ Македонија“ покажуваат дека во периодот јануари–мај 2026 година, аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле вкупно 1.580.932 патници, што претставува зголемување од 31,2 проценти во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 10.595 летови, односно 9,5 проценти повеќе од лани.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, оцени дека ваквите резултати ја потврдуваат растечката атрактивност на земјата како воздушна дестинација и успешното справување со зголемената побарувачка.
„Рекордниот раст на патничкиот сообраќај ги позиционира македонските аеродроми меѓу најуспешните во Европа. Ова е резултат на континуирани инвестиции во инфраструктурата, подобрување на услугите, соработка со авиокомпаниите и поддршката од Владата“ – истакна Курт.
Од ACI Europe посочуваат дека април 2026 година претставува важна пресвртница за европскиот авијациски сектор. Генералниот директор на организацијата, Оливие Јанковец, нагласи дека геополитичките тензии, особено конфликтите на Блискиот Исток, дополнително го забавуваат растот на воздушниот сообраќај и создаваат значителни разлики меѓу поединечните пазари.
Сепак, според него, побарувачката за патувања останува силна, авиокомпаниите засега не прават значителни намалувања на капацитетите, а ризиците од недостиг на авионско гориво се намалени. Тоа им овозможува на аеродромите со висок раст, како оние во Скопје и Охрид, да продолжат со позитивниот тренд и во наредниот период.
