ГЕРМАНИЈА ОСТАНА БЕЗ МЕСТО ВО СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ Берлин ја впери вината кон Русија
Германија не успеа да обезбеди доволна поддршка за непостојано место во Советот за безбедност на ОН.

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, оцени дека Русија стои зад дел од противењето на кандидатурата на Германија за непостојано место во Советот за безбедност на Обединетите нации, откако Берлин не успеа да обезбеди избор во ова тело.
„Ја поддржуваме Украина, а Русија не сака таков глас во Советот за безбедност“, изјави Вадефул,
Тој додава дека Москва влијаела врз ставовите на одредени земји-членки. Сепак, тој не презентираше конкретни докази за овие обвинувања.
Изборите во Обединетите нации претставуваат дипломатски удар за Германија. За освојување на едно од двете места наменети за западноевропската група беа потребни најмалку 127 гласови, а германската кандидатура доби поддршка од 104 држави.
На гласањето, Португалија освои 134 гласа, додека Австрија доби 131 глас, со што двете земји обезбедија место во Советот за безбедност за периодот 2027-2028 година.
Вадефул посочи дека на резултатот можеби влијаел и ставот на Германија кон Израел и нејзината, како што рече, „посебна одговорност“ кон израелската држава во контекст на конфликтите на Блискиот Исток.
На 3 јуни Генералното собрание на ОН избра пет нови непостојани членки на Советот за безбедност. Покрај Австрија и Португалија, избрани се и Зимбабве, Тринидад и Тобаго и Киргистан.
Новите членки ќе го започнат својот двегодишен мандат на 1 јануари 2027 година. Советот за безбедност брои 15 членови, од кои пет се постојани – Русија, Кина, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Франција со право на вето, додека останатите десет места се пополнуваат преку регионални избори.
