СЕ ЗАТВОРА ЦЕЛ БРЕГ Блокади, прекини и строги мерки пред големиот самит во Црна Гора

1.500 полицајци распоредени, градот под силни безбедносни мерки.

СЕ ЗАТВОРА ЦЕЛ БРЕГ Блокади, прекини и строги мерки пред големиот самит во Црна Гора
Фото: Принтскрин

Сè е подготвено во Тиват за дводневниот Самит ЕУ – Западен Балкан, кој започнува денес во градот.

За безбедноста на учесниците ќе бидат ангажирани околу 1.500 припадници на полицијата. Поради настанот, работата на одредени угостителски и деловни објекти ќе биде привремено ограничена, а сообраќајот на Јадранската магистрала повремено и целосно ќе биде прекинуван.

Според најавите, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе учествува на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува на 4 и 5 јуни 2026 година во Тиват.

Медиумите од регионот јавуваат дека пристаништето постепено се затвора, а сопствениците на пловила добиле ограничено време за напуштање на зоната. Дел од патиштата во централна Црна Гора и долж брегот ќе бидат целосно затворени за сообраќај во текот на двата дена на одржување на самитот.

Со цел безбедно и непречено одвивање на меѓународниот настан, режимот на сообраќај е привремено изменет. Од 4 до 6 јуни 2026 година ќе има целосни и повремени прекини на одредени патни правци за сите категории возила.

За делегациите е организиран специјален транспорт со чамци до Котор, Тиват и Херцег Нови, како и автобуски превоз до Будва. Дел од комплексот Порто Монтенегро е ставен под посебен безбедносен режим.

Експертот за безбедност Иван Пекиќ оцени дека оперативниот план на полицијата претставува стандардна практика во вакви ситуации.

„Превентивниот пристап и концентрацијата на безбедносните сили се вообичаени мерки за минимизирање на ризиците и обезбедување стабилност на настанот“, изјави Пекиќ за Радио Монтенегро, пренесува RTCG.

Претседателот на општина Тиват, Жељко Комненовиќ, изјави дека локалната самоуправа презела мерки за да се избегнат гужви на аеродромот за време на пристигнувањето на делегациите.

„Најголем дел од учесниците ќе слетаат во Тиват, а потоа ќе бидат организирани трансфери со брод и автобус до другите градови“, рече тој.

Полицијата соопшти дека сите активности се спроведуваат во координација со Агенцијата за национална безбедност, Министерството за одбрана и други надлежни институции.

Во меѓувреме, дел од медиумските извештаи укажуваат на зголемени безбедносни тензии во регионот, при што се спомнуваат предупредувања од безбедносни служби во Србија за можни ризици, како и политички реакции поврзани со патувањето на српскиот претседател.

Александар Вучиќ, пак, изјави дека и покрај предупредувањата ќе присуствува на самитот, нагласувајќи дека е важно да ја претставува Србија.

„Одам во Црна Гора и за мене е важно да ја претставувам Србија. Сè е нормално“, изјави Вучиќ.

Тој додава дека ќе ги изнесе своите ставови за политичките прашања директно на самитот.

CATEGORIES
Share This