ИЗДАЛ ДОЗВОЛА ШТО НЕ ПОСТОЕЛА ВО СИСТЕМОТ Кривична пријава за ексградоначалник
МВР поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на Свети Николе поради сомнение за злоупотреба на службената положба.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Свети Николе поднесе кривична пријава против С.В. (55) од Свети Николе поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, пријавениот во својство на градоначалник на Општина Свети Николе во текот на 2021 година ги пречекорил своите службени овластувања и постапил спротивно на Законот за градење и Правилникот за начинот на издавање одобренија за градење.
Тој лично изготвил, потпишал и издал одобрение за градење кое не било евидентирано во електронскиот систем на Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални работи и оттуѓување на градежно земјиште при Општина Свети Николе.
Од МВР наведуваат дека ваквото одобрение, кое се смета за правно неважечко, било искористено од изведувач од Скопје за изградба на објект вреден 15,48 милиони денари. Со тоа, според полицијата, била предизвикана штета на нарачателот во висина на целокупната инвестиција.
Дополнително, објектот не е впишан во Агенцијата за катастар на недвижности во Свети Николе, бидејќи се води како бесправно изграден објект. Според МВР, поради овие околности против поранешниот градоначалник е поднесена соодветна кривична пријава.


