50.000 ЕВРА ЗА ЕДЕН ЧАС ПРОСЛАВА Шокантни детали од Институтот за јавно здравје

Ревизијата открила исчезната опрема, спорни договори и незаконски исплати во Институтот за јавно здравје.

50.000 ЕВРА ЗА ЕДЕН ЧАС ПРОСЛАВА Шокантни детали од Институтот за јавно здравје
Фото: Национал

Актуелното раководство на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) открило серија сериозни неправилности во работењето на институцијата, меѓу кои и набавка на мрежен кабел вреден 15.000 евра за кој нема трага каде завршил, како и компјутери, лаптопи и мобилни телефони за кои постојат само барања за набавка, но не и евиденција кому биле доделени.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека ревизијата покажала и договори за телекомуникациски услуги склучени во двојно поголем износ од предвидениот, како и бројни незаконски исплати на додатоци на плата, награди и приправности.

Особено загрижувачки, според Андоновска, е фактот што за одбележување на 100-годишнината од постоењето на ИЈЗ биле потрошени околу 50.000 евра за настан што траел само еден час. Дополнително, биле реализирани набавки без јавна постапка во износи далеку над законски дозволениот праг.

„Не најдовме речиси ниту една работа што била спроведена согласно закон или прописи. Институтот го наследивме со празна сметка и долгови над 50 милиони денари, а денес имаме вратени долгови и 150 милиони денари на сметка“, изјави Андоновска.

Таа нагласи дека неправилностите биле пријавени до надлежните институции и дека по барање на самото раководство била извршена ревизија од Државниот завод за ревизија. Дел од документацијата, која опфаќа повеќе од дваесет класери, е доставена и до Единицата за корупција при Министерството за внатрешни работи.

Државниот завод за ревизија даде неповолно мислење за финансиските извештаи и работењето на ИЈЗ за 2024 година, посочувајќи сериозни слабости во финансиското управување, евиденцијата и спроведувањето на програмите од областа на јавното здравје.

CATEGORIES
Share This