НЕ САКАМ ПОДЕЛБИ Слаткар се откажа од државните пари за документарецот
Слаткар тврди дека не побарал ниту добил пари лично, туку поддршка добил авторскиот тим што две години работи на проектот.

Марко Маринковиќ -Слаткар објави дека документарниот филм „Слушни ме!“, кој е инспириран од неговиот живот и кариера, ќе се реализира без финансиската поддршка што претходно му беше одобрена од Агенцијата за филм.
По реакциите во јавноста околу одлуката за државно финансирање на проектот, Слаткар преку објава на Инстаграм порача дека средствата не му биле доделени нему лично и дека никогаш не побарал пари за снимање филм за себе.
„Сакам една работа да биде јасна, ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене“, напиша тој.
Слаткар изрази благодарност до комисијата на Агенцијата за филм што ја препознала важноста на темата, но нагласи дека не сака проектот, кој промовира разбирање, прифаќање и поддршка, да биде причина за поделби во јавноста.
„Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Продолжуваме понатаму со поддршката од нашите соработници, пријатели и луѓето кои нè почитуваат и ценат“, порача музичарот.
Документарниот филм „Слушни ме!“, во режија на Радован Петровиќ, е биографски музички проект посветен на Марко Маринковиќ – Слаткаристика. Покрај неговата животна приказна, филмот ја отвора и темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството.
Одлуката за откажување од државната финансиска поддршка доаѓа откако во јавноста се појавија критики по објавувањето на резултатите од конкурсот на Агенцијата за филм.
View this post on Instagram
