ГОЛЕМА ОДЛУКА Заврши долг од 700 милиони евра, Еврообврзницата исплатена

Министерството за финансии ја затвори еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра.

ГОЛЕМА ОДЛУКА Заврши долг од 700 милиони евра, Еврообврзницата исплатена
Фото: Принтскрин

Министерството за финансии денеска соопшти дека е извршена исплата во вкупен износ од 327,9 милиони евра, од кои 316,3 милиони евра се однесуваат на главницата, а 11,6 милиони евра на камата. Со ова целосно е затворена обврската по Еврообврзницата издадена во 2020 година, во вкупна вредност од 700 милиони евра.

Средствата за сервисирање на долгот биле обезбедени преку нова Еврообврзница издадена во јануари 2026 година. Дел од обврската, во износ од 383,7 милиони евра, беше исплатен предвреме во февруари 2026 година, додека преостанатиот дел им беше исплатен денес на имателите кои не ја прифатиле предвремената исплата.

Со денешната исплата од 327,9 милиони евра целосно ја затворивме Еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година. Станува збор за обврски што Министерството за финансии редовно и навремено ги сервисира, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека од преземањето на власта во втората половина на 2024 година се исплатени значителни износи по основ на јавен долг, вклучително 786 милиони евра во 2024 година, 2,198 милијарди евра во 2025 година и 1,571 милијарди евра во 2026 година, што вкупно изнесува 4,556 милијарди евра.

Од Министерството нагласуваат дека се применува внимателен пристап во управувањето со јавниот долг, при што предвремената отплата на Еврообврзницата донела заштеди во буџетот од 3,2 милиони евра. Политиката на прудентно управување со долгот ќе продолжи и во наредниот период, со цел навремено и по најниска можна цена да се финансираат државните потреби.

CATEGORIES
Share This