АРБЕН ФЕТАИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Дали е очекувано?
Благодарност до тимот, граѓаните и меѓународните партнери.

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, соопшти дека поднел оставка од функцијата заменик-претседател на Владата и дека истата му ја доставил на премиерот Христијан Мицкоски.
Во објава на социјалните мрежи, Фетаи наведе дека одлуката ја донел внимателно и дека произлегува од неговото уверување оти во актуелните околности тоа е најправилен и најдостоинствен чекор. Тој оцени дека во изминатите две години придонел во процеси насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.
„Денеска му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото…“, напиша Фетаиж.
Тој додава дека иако не е целосно задоволен од постигнатото, смета дека бил посветен на поставување темели за понатамошен напредок.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочија дека реформската агенда е успешна и дека Македонија добила најголема сума од Програмата за раст во регионот.
Фетаи порача и дека заминува „со крената глава и чиста совест“, нагласувајќи дека неговата одлука е донесена по лично убедување дека во моменталните околности тоа е најправилен чекор. Тој им се заблагодари на соработниците, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните за довербата и поддршката.
Во пораката додаде и дека службата на јавниот интерес не завршува со функцијата, туку продолжува „секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро“.
