Политички преглед на денот, недела 31 мај 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија без гаранции од ЕУ нема да спроведе уставни измени, Филипче на својот бугарски претседател да пренесе дека очекуваме испорака на пресудите од Стразбур
Македонија без гаранции од ЕУ нема да спроведе уставни измени, Филипче на својот бугарски претседател да пренесе дека очекуваме испорака на пресудите од Стразбур. Македонија поради лековерноста и погрешните политики на СДС, предводени од Зоран Заев и Венко Филипче плати прескапа цена со промена на Уставното име на државата. Затоа, овој пат уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции во форма на заклучоци од ЕУ нема да има.
Уцени и диктати како што биле прифаќани до сега, со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да има. Македонија и граѓаните немаат право повторно да бидат излажани. Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес.
Затоа, специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, нека му пренесе на Радев дека додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика.
СДСМ: Мицкоски нема право да го блокира европскиот пат на Македонија
Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе го вратат името, дека ќе укинуваат Преспанскиот договор, договорот за добрососедство и ништо од тоа не направија.
ВМРО дојде на власт со лажни ветувања и пропаганда и нема право да ја држи државата надвор од европскиот процес. Дојдоа на власт со една голема лага, со една пропаганда која што е стимулирана, финансирана и поддржана од други земји и затоа што оваа власт одработува за други земји. Тие тоа право го немаат.
Дали ќе ги продолжиме преговорите зависи од власта. Оваа власт очигледно не сака. Ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот, со цел да не се направи чекорот, кој што не носи никаков ризик, а тоа се уставните измени.
ЕДИНСТЕНА МАКЕДОНИЈА: Иницијатива до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за писмо до Бугарија од кое Румен Радев најмногу се плаши
Јавноста е сведок на секојдневни препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во смисла дека за ВМРО-ДПМНЕ нема внесување на Бугарите во Уставот без гаранции од Унијата дека во иднина ќе нема нови бугарски условувања за националниот карактер на Македонците, додека СДСМ бара веднаш да бидат внесени Бугарите во Уставот и дека нема опасност од идни бугарски условувања и вета за јазикот, идентитетот, културата на Македонците.
Единствена Македонија како партија која во основа се бори за одбрана на националните интереси потсетува на својата долгогодишна позиција – поддршка за членство во Европската Унија, но не по секоја цена, туку како Македонци а не како територија.
Во таа насока, партијата упатува иницијатива до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и до сите македонски политички партии во државата, заеднички да се упати писмо до бугарскиот премиер Румен Радев, со јасно прашање: дали за Бугарија барањето за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав е последно барање или не.
Според партијата, ваков заеднички чекор би претставувал политичко единство и би ја изразил волјата на целиот македонски народ преку неговите политички претставници. Се разбира, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доколку оценат дека е подобро, може заеднички да го поднесат писмото само двете партии.
Партијата наведува дека евентуалното нејасно или дипломатско одговарање, па дури и молк од Радев, сепак би претставувало политички сигнал со кој може да се препознае одговорот во контекст на суштинското прашање кое се отвора.
Со испраќањето на вакво писмо, според Единствена Македонија, би се разјаснила клучната дилема која подолг период е предмет на политички расправи во земјата.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија