НОВ ЗАКОН ЗА ПУШЕЊЕ ГО МЕНУВА УГОСТИТЕЛСТВОТО Еве што се забранува
Законот наскоро се очекува да биде испратен во Собранието на усвојување.

Предлог-законот за заштита од употреба на тутунски и сродни производи во вторник треба да се најде на седница на Владата, по што се очекува во најкус можен рок да биде проследен и до Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски денеска, по завршниот состанок со претставници од тутунската индустрија и угостителството, изјави дека законот ќе започне да се применува веднаш по неговото усвојување, со исклучок на одредбата што се однесува на обврската угостителските објекти да ги преадаптираат своите простории. За оваа одредба е предвиден грејс период од 12 месеци.
Мицкоски нагласи дека предложениот текст претставува компромисно решение, изработено низ инклузивен процес во кој биле консултирани сите засегнати страни, здруженијата, производителите, дистрибутерите, како и претставници од хотелиерството, рестораните и ноќните клубови.
И од бизнис секторот потврдија дека законот е подготвуван во партнерска соработка, при што изразија благодарност за разбирањето од страна на Владата за обезбедување на едногодишен период за адаптација на терасите во угостителските објекти.
Како што беше истакнато на состанокот, со новото законско решение се затвора „сивата зона“ во однос на користењето на терасите, преку воведување јасни и применливи правила за тоа како тие треба да бидат уредени кога станува збор за пушењето. Законот предвидува и засилени контроли и строги санкции во случај на непочитување.
Перица Голомеиќ од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори изјави дека од почетокот постои поддршка за донесување на законот во насока на заштита на јавното здравје. Тој додаде дека е благодарен за инклузивниот пристап на Владата и Министерството за здравство, како и за фазната имплементација и грејс периодот, кој ќе им овозможи на угостителите да се прилагодат на новите правила со што ќе се минимизираат економските последици за секторот.
