МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО КОН СОФИЈА Нема да се поместиме ниту милиметар

Премиерот со остра реакција по новите пораки од Софија за „рамката од 2022 година“.

МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО КОН СОФИЈА Нема да се поместиме ниту милиметар
Фото: Принтскрин

Добрососедските односи се двонасочна улица и не може да се „танцува“ сам или двете страни учествуваат, или нема партнерство. Со оваа порака премиерот Христијан Мицкоски реагираше на изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, која порача дека Македонија треба да бара решенија, а не проблеми, и дека Софија нема да отстапи од договорената рамка од 2022 година.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски изрази загриженост за политичките случувања во Бугарија, но додаде дека очекува со текот на времето разумот и рационалноста да надвладеат кај источниот сосед.

Тој изјави и дека Бугарија, како што рече, се соочува со сериозни економски проблеми, споменувајќи инфлација и буџетски предизвици, па оцени дека дел од политичката реторика кон Македонија можеби служи за внатрешна политичка употреба.

„Гледам дека можеби ќе бидат првата држава што ќе добие мерки од Европската централна банка, бидејќи ги фалсификувале и ги лажирале извештаите за буџетскиот дефицит. Имаат големи проблеми со инфлацијата и економијата, па можеби бараат нови теми, а најлесна е онаа поврзана со Македонија. Но ние ќе бидеме трпеливи и ќе продолжиме да работиме“, рече премиерот.

Мицкоски ги отфрли обвинувањата од Софија дека Скопје не нуди решенија, нагласувајќи дека, според него, Бугарија не ги почитува сите обврски и меѓународни одлуки на кои се повикува.

Тој посочи и на, како што рече, повеќе пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои не се спроведуваат.

„Ние постојано нудиме решенија. Од друга страна, постојат договори и обврски кои не се почитуваат. На маса стојат и пресуди од Стразбур кои не се спроведуваат. Ни велат дека треба да влеземе во нивниот клуб, но ние не сакаме да влеземе по цена на уцени. Тоа е уцена и булинг“, изјави тој.

Мицкоски порача дека Македонија нема да прифаќа, како што ги нарече, нерационални условувања на патот кон Европската Унија.

„Ако зборуваме за европски вредности, тие мора да важат за сите. Оваа влада нема да прифаќа таква игра и додека сум премиер нема да се поместиме ниту милиметар без реципроцитет“, заклучи тој.

CATEGORIES
TAGS
Share This