РОДИТЕЛИТЕ ВО НЕВЕРУВАЊЕ Што навистина јадат децата на училиште?“

Новата проценка открива загрижувачка слика за училишната исхрана во земјата.

РОДИТЕЛИТЕ ВО НЕВЕРУВАЊЕ Што навистина јадат децата на училиште?“
Фото: Принтскрин

Новата национална проценка на нутритивните средини во училиштата во Македонија покажува дека нездравата храна и пијалаци се широко достапни и често промовирани во и околу училиштата, додека здравите опции се ограничени. Тоа, според извештајот, директно влијае врз навиките во исхраната на децата и го отежнува нивниот избор на поздрава храна.

Проценката е спроведена во соработка меѓу Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и УНИЦЕФ, и претставува прв сеопфатен преглед на училишната нутритивна средина во земјата. Во истражувањето биле опфатени 40 основни и средни училишта, со учество на околу 1.700 ученици.

Наодите укажуваат дека состојбата е слична во речиси сите опфатени средини: нездравата храна е постојано достапна, додека здравите опции често недостасуваат. Во отсуство на национална програма за училишна исхрана, дел од учениците купуваат храна од училишни продавници или автомати, каде, според истражувањето, понудата во сите случаи е нездрава. Дополнително, учениците лесно пристапуваат до блиските продавници, каде што се интензивно рекламирани засладени пијалаци и ултрапреработена храна богата со масти, шеќер и сол.

Во училиштата што обезбедуваат оброци (35% од опфатените), тие генерално ги исполнуваат националните стандарди, но сепак нездрави ужинки остануваат достапни, што укажува на потреба од построги правила и ограничувања.

И покрај тоа, истражувањето покажува силна поддршка од учениците за поздрава училишна средина. Над 80% поддржуваат обезбедување здрави оброци, 60% сметаат дека намалување на нездравата понуда би им помогнало да изберат подобро, а 85% велат дека храната во училиштата треба да биде пристапна по цена.

Претставници на УНИЦЕФ предупредуваат дека децата растат во средина каде нездравата храна е доминантна и силно рекламирана, додека здравите избори се ограничени, нагласувајќи дека училиштата мора да станат поддржувачка средина за здрави навики.

Слично, од Министерството за образование и наука и Министерството за здравство се истакнува дека училиштето има клучна улога во формирањето на навиките кај младите и дека е потребна заедничка акција со семејствата и институциите за унапредување на исхраната.

Извештајот дополнително предупредува дека околу една третина од децата на возраст од 7 до 9 години во земјата се со прекумерна тежина или дебелина, што ја нагласува итноста од промени.

Како одговор, се предлага зајакнување на стандардите за училишни оброци, ограничување на достапноста на нездрава храна, подобар пристап до здрави опции и построги мерки против маркетинг на ултрапреработени производи и засладени пијалаци.

Во рамки на активностите, УНИЦЕФ и партнерите ја започнуваат кампањата #ШтоИмаЗаЈадење, која ги вклучува и децата во подигнување на свеста и поттикнување јавна дебата за поздрава училишна исхрана.

Пораката на кампањата е јасна: здрав избор е тешко да се направи кога нездравите опции доминираат, па затоа е неопходно создавање средина која го олеснува пристапот до здрава храна за секое дете.

CATEGORIES
Share This