РОМАНИЈА БАРА ПОМОШ ПО УДАРОТ СО РУСКИ ДРОН Се активира одбраната на НАТО

Руте во контакт со властите по ударот со дрон во станбена зграда, евакуирани 70 жители.

РОМАНИЈА БАРА ПОМОШ ПО УДАРОТ СО РУСКИ ДРОН Се активира одбраната на НАТО
Фото: Принтскрин

Романскиот претседател Никушор Дан денеска го свика Врховниот совет за национална одбрана по инцидентот во кој беспилотно летало се урна врз станбена зграда во градот Галац. Романските медиуми оценуваат дека станува збор за најсериозен инцидент на романска територија од почетокот на руската агресија врз Украина.

Вршителот на должноста премиер Илие Боложан го осуди нападот, при кој избувнал пожар, а две лица биле полесно повредени. Тој соопшти дека веднаш бил во контакт со министерот за одбрана и дека се преземени мерки за заштита на населението, додека сојузниците и партнерите на Романија биле информирани по дипломатски пат.

Боложан оцени дека станува збор за „неприфатлива ситуација“ и ново нарушување на романскиот воздушен простор, за што ја обвини Русија и продолжувањето на војната во Украина.

„Оваа војна директно влијае врз безбедноста на Романија и земјите од источното крило на НАТО. Недвосмислено ги осудувам овие сериозни дејствија и ја повикувам Русија веднаш да ги запре“, напиша романскиот премиер на Фејсбук.

Тој додаде дека романскиот одбранбен систем има ограничувања поради недостиг на современа опрема, најавувајќи дека наскоро ќе биде потпишан договор во рамки на европската програма SAFE за набавка на системи против беспилотни летала за романската армија.

Во меѓувреме, портпаролката на НАТО, Алисон Харт, соопшти дека генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, е во контакт со романските власти по инцидентот во Галац.

„Силно ја осудуваме неодговорноста на Русија и НАТО ќе продолжи да ја зајакнува својата одбрана од сите закани, вклучително и беспилотните летала“, напиша Харт на социјалната мрежа „X“, пренесува Танјуг.

Инцидентот се случил рано утрово, кога дрон удрил во станбена зграда, по што следеле експлозија и пожар во стан на 10-тиот кат. Двете повредени лица биле пренесени во локалниот центар за итни случаи, а околу 70 жители биле евакуирани од зградата.

Според локалните медиуми, нападот се случил во текот на ноќта на 29 мај, во момент кога низ Украина била прогласена вонредна состојба во воздушниот сообраќај.

CATEGORIES
TAGS
Share This