ИЛИ ДОГОВОР ИЛИ ВОЈНА Трамп со жестока закана до Иран, светот на работ на нова војна
Американскиот претседател тврди дека претходните напади ја ослабиле иранската нуклеарна програма.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, порача дека воената опција против Иран останува на маса доколку разговорите не резултираат со договор што ќе биде во интерес на Вашингтон. Според него, САД и натаму имаат силна преговарачка позиција во однос на Техеран.
Во интервју за „Фокс њуз“, кое ќе биде емитувано утре, Трамп изјави дека претходните американски воени операции сериозно ги ослабеле иранските нуклеарни амбиции. Тој оцени дека Иран претрпел значителни последици и дека неговите воени капацитети се ослабени.
Трамп нагласи дека главен услов за каков било договор е тој да биде „добар договор за Соединетите Американски Држави“, додавајќи дека тоа претставува јасна „црвена линија“ за Вашингтон.
Американскиот претседател исто така тврдеше дека Иран би бил многу поблиску до поседување нуклеарно оружје доколку не биле извршени нападите со бомбардери Б-2 пред девет месеци. Според него, иранските морнарички и воздушни сили се сериозно нарушени и нефункционални.
Во меѓувреме, американски извори тврдат дека е постигнат прелиминарен договор за меморандум за разбирање меѓу САД и Иран, со кој би се продолжил прекинот на огнот за дополнителни 60 дена и би започнале нови разговори за иранската нуклеарна програма. Сепак, конечната согласност од Трамп сè уште не е дадена.
Од друга страна, иранската агенција „Тасним“, повикувајќи се на извор близок до преговарачкиот тим на Иран, објави дека текстот на евентуалниот меморандум сè уште не е целосно усогласен ниту официјално потврден.
