ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ЖИВЕЕ- МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ПОБЕДИ Повик од Единствена Македонија за единство и зачувување на македонскиот идентитет

Од Единствена Македонија порачаа дека Делчев останува столб на македонската државност и симбол на националната борба - „бил, е и ќе остане Македонец“.

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ЖИВЕЕ- МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ПОБЕДИ Повик од Единствена Македонија за единство и зачувување на македонскиот идентитет

Денес се навршуваат 122 години од загинувањето на Гоце Делчев, еден од најзначајните дејци во историјата на македонската националноослободителна борба. По тој повод, од политичката партија „Единствена Македонија“ упатија порака до јавноста со повик за национално обединување и одбрана на македонскиот идентитет.

Во соопштението, од партијата потсетуваат дека визијата на Делчев била создавање на самостојна и слободна македонска држава, а дека денешната генерација има историска одговорност да ја зачува таа држава пред, како што се наведува, „притисоците и обидите за нејзино разнебитување“.

„Овој ден треба да биде потсетник за сите Македонци дека само обединети можеме да ѝ се спротивставиме на бугарско-грчката стратегија за бришење на Македонците од светската мапа на нации“, се вели во соопштението.

Од „Единствена Македонија“ сметаат дека досегашното чествување на Делчев со положување цвеќе е симболично, но недоволно, и дека е потребна „активна демократска борба за неговите идеали“ – за зачувување на слободна, суверена и независна Македонија.

„Нашата борба не е лесна, но мора да истраеме. Ова е борба за опстанокот на цел еден народ – борба за Македонија. Нашата света должност е да победиме“, се наведува понатаму.

Во соопштението на Единствена Македонија се нагласува и историската одлука на Делчев да го напушти мирниот живот на учител и да се посвети на револуционерната дејност, со што, како што велат од партијата, „ја трасирал патеката за македонската државност“.

„Да не одеше во планините, Македонија денес можеби ќе ја немаше“, се посочува.

Од Единствена Македонија порачаа дека Делчев останува столб на македонската државност и симбол на националната борба – „бил, е и ќе остане Македонец“.

CATEGORIES
TAGS
Share This