ДИПЛОМАТСКИ ТЕНЗИИ Што навистина се крие зад состанокот во Лимасол?

Калас порача дека членството на Украина во ЕУ е без алтернатива, додека Западниот Балкан остана во сенка.

ДИПЛОМАТСКИ ТЕНЗИИ Што навистина се крие зад состанокот во Лимасол?
Фото: Принтскрин

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи во Лимасол, Кипар, дека главни теми на разговор ќе бидат состојбите на Блискиот Исток, Хормутскиот теснец, војната во Украина и клучните интереси на ЕУ во односите со Русија.

Таа нагласи дека Европската Унија очекувала постигнување и потпишување мировен договор меѓу САД и Иран, но дека тоа засега не се случило. Според неа, Хормутскиот теснец се наоѓа во состојба „помеѓу војна и мир“, при што слободната пловидба е од суштинско значење за сите, бидејќи нестабилноста носи високи економски последици.

Калас додаде дека на состанокот ќе се разговара и за пошироката ситуација на Блискиот Исток и нејзиното влијание врз Европската Унија, како и за можностите за понатамошна соработка.

Во делот за Русија, таа оцени дека мировните преговори меѓу Украина и Русија се во застој, при што нагласи дека на бојното поле, според неа, Русија не остварува значителен напредок. Таа истакна дека ЕУ мора јасно да ги дефинира своите позиции и барања пред евентуални преговори, посочувајќи дека целта е долготраен и одржлив мир, кој подразбира и прашања поврзани со одговорност.

Таа предупреди и дека не треба да се дозволи Русија да ја наметне рамката на преговорите преку селективен избор на учесници, нагласувајќи дека клучните европски одлуки, како санкциите, остануваат во надлежност на ЕУ.

Во однос на санкциите кон израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, Калас изјави дека тие веќе биле разгледувани претходно и дека за нив ќе се дискутира повторно на следниот состанок на Советот за надворешни работи, при што постои различен став меѓу земјите-членки.

Таа се осврна и на безбедносната ситуација во Украина, оценувајќи дека Русија со засилени напади се обидува да создаде страв во општеството, но дека дипломатските мисии во најголем дел остануваат активни во земјата.

Во однос на проширувањето на ЕУ, Калас изрази надеж за напредок во отворањето на нови преговарачки кластери со Украина, иако нагласи дека процесот зависи од усогласеноста на земјите-членки. Таа ја коментираше и идејата за „придружно членство“, оценувајќи дека таа произлегува од потребата за побрза интеграција на Украина во одредени европски процеси, но дека тоа прашање не е дел од тековната агенда.

Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ се одржува во Лимасол и традиционално се организира двапати годишно, а на него учествуваат и претставници од Украина, Индија и Саудиска Арабија како гости.

CATEGORIES
Share This