ПРЕМИЕРОТ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА Или резултати, или нема повисоки плати за судиите и обвинителите

Во обвинителството се доставени над 120 ревизорски извештаи со сомнежи за незаконитости, а Владата очекува итно постапување.

ПРЕМИЕРОТ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА Или резултати, или нема повисоки плати за судиите и обвинителите
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница порача дека Владата очекува побрза и поефикасна правда, нагласувајќи дека граѓаните не се задоволни од работата на правосудниот систем и дека дополнителни покачувања на платите во судството и обвинителството нема да има без конкретни резултати.

На денешната седница за пратенички прашања, Мицкоски истакна дека во обвинителството се доставени околу 120 до 130 ревизорски извештаи во кои, според ревизорите, се констатирани бројни незаконитости.

„Очекувам врз основа на тие ревизорски извештаи да се постапува и да се испорача правда. И граѓаните и јас ќе се согласиме дека правдата е премногу бавна или воопшто ја нема“, рече премиерот.

Тој посочи дека Владата обезбедила услови за подобро функционирање на судовите и обвинителствата, меѓу кои се донесувањето на Законот за Судски совет, измените на Законот за јавно обвинителство, 40-процентно зголемување на платите на службениците, како и 200 нови вработувања.

Сепак, според него, нови зголемувања на примањата за судиите и обвинителите нема да има без видливи резултати.

„Континуирано да обезбедуваме средства за повисоки буџети и плати, а притоа да нема резултати, Владата нема да го дозволи“, потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека и покрај евентуалните несогласувања околу овој реформски чекор, Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе биде меѓу најуспешните земји.

„Ќе бидеме подобри од самопрогласените фронтранери, исто како што бевме и во декемврискиот извештај“, изјави премиерот, повторувајќи дека ставот на Владата за уставните измени останува непроменет.

CATEGORIES
TAGS
Share This