ВО ЧЕСТ НА БАРИТОНОТ РИСТЕ ВЕЛКОВ Емоционално затворање на „Мајски оперски вечери“
Фестивалот завршува со монументалната опера на Верди на сцената на Националната опера и балет

Со изведба на монументалната опера „Набуко“ од Џузепе Верди, на 31 мај во 20:00 часот на сцената на Националната опера и балет свечено ќе биде затворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Под диригентската палка на гостинот од Аргентина, Јерухам Шаровски, операта ќе биде поставена во режија на Ренато Бонајуто од Италија. За сценографијата и костимографијата се погрижија Флавио Арбети и Артемио Кабаси (Италија), кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога на Набуко ќе настапи Алберто Газале (Италија), додека улогата на Абигаиле ќе ја толкува Сузана Бранкини (Италија). Николина Јаневска ќе ја изведе улогата на Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе биде Исмаил, а Захарие ќе го игра Хиденори Иноуе (Јапонија). Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева и Никола Стојчевски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, како и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
Оваа изведба на „Набуко“ ќе биде посветена на неодамна трагично починатиот првенец на Националната опера и балет, баритонот Ристе Велков, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа.
Со својот моќен глас и сценско присуство, Велков остави длабока трага во македонската оперска уметност. Улогата на Набуко беше едно од неговите најзначајни и највпечатливи остварувања на матичната сцена.
Неговото име и уметничко наследство остануваат трајно запишани во историјата на македонската опера.
